Министерството за правда преку Републичкиот судски совет ќе ги отвори прашањата произлезени од писмото на амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли, во кое тој од обвинителите и претседателите на судовите побара да не ја посочуваат амбасадата како изговор за одлуките, што ги носат.
Ова го најави премиерот Зоран Заев одговарајќи на прашањето на пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, дали Владата ќе поведе истрага, кои судии и обвинители го злоупотребиле авторитетот на странски амбасадор за можно местење судски процеси или одредување на мерката притвор.
Премиерот рече дека е длабоко загрижен од писмото на амбасадорот Бејли и оти и самата дебата испраќа сериозна порака. Тој додаде дека за писмото разбрал од медиумите и веднаш го испратил неговиот советник за надворешна политика да се сретне со амбасадорот за да побара појаснувања.
Ова треба да не загрижи сите. Јас како што сфатив писмото е со цел да се испрати порака да не се вадат на амбасадата при носење одлуки. Во време на Пржинскиот договор се зборуваше дека американската амбасада тоа го наметна, дека ЕУ го наметна, а сите знаевме дека ние ги носиме одлуките. Ја сфаќам пораката, никој не смее да се вади дека имал укажувања од некоја амбасада. Штом е тоа нотирано од стратешки пријател на Македонија е доволен сигнал да преземеме дејствија и анализи да видиме која е причината да дојде до тоа писмо – рече Заев и додаде дека ќе го чека Бејли да се врати во Македонија по божиќните празници за директно да разговара со него.
Comments are closed for this post.