Со давање исказ на владиката Пимен Илиевски, предложен како сведок од обвинетиот Богдан Илиевски-Бетмен, во Кривичниот суд почна денешното рочиште за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.

Тој беше првиот сведок на одбраната, а одговараше на прашања за неговата улога во ,,Шарена револуција“ и за пријателството со обвинетиот Богдан Илискеи.

Владиката Пимен објасни дека пријателството со обвинетиот Богдан Илиевски, траело веќе неколку години наназад. Тој кажа дека Бетмен е негово ,,духовно чедо“ и дека често се исповедал кај него.

Кај Богдан се јави интимна потреба за лична исповед и го познавам многу длабоко. Цело време беше во истиот дух и убеденост, а сето тоа го правеше без паричен надомест и без намера за напредок во кариерата – сведочеше отец Пимен.

Отец Пимен кажа дека се сретнал со обвинетиот Богдан и на 28 април и дека му кажал оти треба да си го вратат угледот и дека намерата не им била да се влезе во Собранието.

За случувањата на 27 април отец Пимен рече дека можеби се работи за насилен ден, но дополни дека насилството не било намера на движењето „За заедничка Македонија“.

Владика исто така кажа дека често му лепеле етикети дека е ,,Шарен владика“, но  иако ги поддржал протестите, рече дека никогаш не бил член на Шарена револуција.