Кој подобро би можел од македонските Бугари да ја убеди Софија дека нашата држава заслужува почеток на преговори?
Со ова прашање вчера лидерот на Граѓанско демократската унија, Петар Колев, го заврши својот фејсбук статус во кој побара учество на македонските Бугари во преговорите со Бугарија.
Како основен предуслов за се побара гарантирање во Уставот на рамноправност на македонските Бугари, но е нејзино спроведување во реалноста, што е клуч за решавање на отворените прашања. Колев е убеден дека таков чекор ќе ја врати довербата, ќе даде нов импулс на односите и ќе ја отвори и можноста за вклучување на Бугарите во македонскиот државен систем, нивно претставување во институциите на системот, а зошто да не и нивно вклучување во преговарачкиот процес од македонска страна.
Но, дали ваквата еуфорија на Колев е реалност или повеќе наликува на дилемата во насловот на трудот на претседателот Стево Пендаровски-„Бугарин националност или професија“, на што неодамна го потсетија бугарските медиуми?
На вакво вулгаризирање на работите навистина е тешко да се одговори. Зашто, по толку пизми, негирање, етикетирање, девалвирање, уривање на достоинството на Македонците од сите страни, па и од страна на македонските Бугари, илузорно е да се верува дека само со нивното ставање во Уставот преку ноќ ќе се смени и нивното и размислувањето на Македонците.
Па, само пред неколку дена, на 17 март, истиот Колев беше потписник на писмото, што седум здруженија и организации на македонските Бугари го испратија до претседателите и премиерите на Македонија и Бугарија. И во тоа писмо истиот Колев пишуваше нешто сосема друго. Инсистираше сите спорови да се решат сега, во светлината на руско-украинскиот спор беше против итен и безусловен почеток на преговорите и потсети на „клучната улога на Советскиот Сојуз во процесот на создавање на македонизмот и неговото насилно наметнување како државна политика во Бугарија и Југославија“. Истиот тој Колев во истото тоа писмо не ги ни спомена Македонците!
А, да не говориме за тоа што ставовите на овие седум здруженија и организации се разликуваат речиси дијаметрално од ставовите на други такви на македонските Бугари во Македонија.
Убаво е Колев да има желба македонските Бугари да учествуваат во преговорите со Бугарија и во право е кога вели дека не може никој подобро од нив да ја убеди Софија дека Македонија заслужува почеток на преговори за членство во ЕУ. Впрочем, 26 земји членки на ЕУ, освен 27-та, Бугарија, одамна се согласни со подготвеноста на Македонија.
Но, клучно е прашањето со кои и какви ставови македонските Бугари би учествувале во преговорите со Софија? Одеднаш ќе се согласат со етногенезата на Македонците, со македонизмот, со македонскиот јазик како посебен од бугарскиот, со постоење посебна македонска историја, „заедничката“ историја нема да ја читаат само како бугарска, ќе заборават на бугарскиот ревизионизам и шовинизам, ќе кренат раце од Гоце Делчев и плејадата револуционери, нема да ја сметаат Македонија како втора бугарска држава, ќе ја предомислат Софија да се откаже од нејзиниот територијален експанзионизам, ќе се согласат со тоа дека Бугарија имала нацистичка власт и била окупатор, а не администратор за време на Втората светска војна…?
Не, ништо од ова нема да сменат. Само ќе им остане пизмата кон оваа генерација Македонци за век и векови!
Comments are closed for this post.