Претседателот , Стево Пендаровски, дава поддршка на иницијативaтa на неколку политички партии, доставени во изминатиот период до Кабинетот на Претседателот, за реформа на изборниот модел преку измена на Изборниот законик, а во насока на создавање на пропорционален изборен модел со отворени листи и намалување на бројот на изборни единици на територијата на Република Северна Македонија, соопштуваат од неговиот Кабинет.
„Претседателот Пендаровски ги повикува политичките партии, и од власта и од опозицијата, да ја разгледаат можноста за реформа на изборниот модел преку измена на Изборниот законик и со политички консензус да се постигне договор за пропорционален изборен модел со отворени листи, каде граѓаните ќе имаат можност да избираат не само политички партии, туку и поединечни кандидати“, стои во соопштението.
Пендаровски смета дека во државата треба да има помал број на изборни единици, без праг или со минимален праг на потребни гласови, а во функција на проширување на политичкото претставување во Собранието.
Според Пендаровски демократскиот развој, еднаквоста, владеењето на правото и правото на фер и слободни избори се важен фактор за просперитетот на Република Северна Македонија.
Од ГДУ неодамна обелоденија дека испратиле писмо до претседателот на државата токму со барање за промена на изборниот модел.
„Веруваме дека имате оправдани причини што досега не го привлековме Вашето внимание со нашето писмено обраќање до Вас ( од 20-05-2019), во кое се осмеливме да Ви сугерираме да преземете активности во духот на Вашите предизборни ветувања. Навистина, тие Ваши ветувања се јавно кажани и во кампањата во 2016 и во кампањата 2019 година. Впрочем и Вие и Вашиот главен политички партнер, во повеќе наврати критички се осврнавте на постојните изборни модели а особено парламентарниот изборен модел како генератор на политичка нестабилност во земјава. Веруваме дека и Вие самиот немате намера да настапите во иднина на некоја друга кампања со истите ветувања?!“, се наведува во објавата од партијата.
Comments are closed for this post.