Шефот на државата Стево Пендаровски во интервју на ТВ21 призна дека во неговиот кабинет има платени луѓе кои 24 часа во денот ги следат сите пишувања на социјалните мрежи и на медиумите за него.

Тој откри дека тоа го работи тим на луѓе кој секое утро го информираат претседателот за пишувањата на социјалните мрежи.

„Тоа го прави администратор, тој е вработен во кабинетот. Има луѓе кои се задолжени за социјалните мрежи. Формално не го работам директно, но ме информираат што се пишува за мене. Има луѓе и со барања. Не ги читам сите директно, ми даваат секое утро пресек на тоа што се пишувано за мене и во медиуми и на социјални мрежи. Им велам дајте ми ги лошите аргументи. Критики може да има, но мора да има аргумент. Оние кои имаат аргумент, мора да го прочитам за да се поправиме“, рече Пендаровски.

Претседателот кажа дека не постои човек кој е имун на коментари и откри дека неговата сопруга влегува и чита коментари.

Признава дека дел од коментарите го погодуваат.

„Нема човек кој е имун на некои коментари, затоа што задираат во длабоката интима. И еден од начините е да не читаш се. И тоа го сугерираме, но сопругата знае скришум да влезе. Синот еднаш влезе и направи лимитирано време на присуство, затоа што забегуваше, но најде начин да заобиколи“, изјави Пендаровски.