Знам дека Европската унија се бави сама со себе, но таа мора да знае дека ние на Балканот сме 30 години во транзиција и мораме да видиме светло на крајот од тунелот, изјави претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, во интервју за Телевизијата N1, за време на неговото учество на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, одржан во Сараево, соопшти неговиот кабинет.
Тој порача дека наесен очекува да ги почне да ги почне пристапните преговори за членство со ЕУ, но притоа изрази и разочараност од двојната реторика во ЕУ.
Објективно сите ние во Северна Македонија сме малку разочарани од тоа двојно говорење од страна на Европската унија како целина. Минатата година во Софија на Самитот, ние имаме чиста, кристална формулација дека Република Северна Македонија и Албанија ќе почнат преговори, односно ќе добијат датум за преговори во јуни 2019 година. Тоа не се случи“, рече Пендаровски.
Тој кажа дека од највисоките германски официјални лица добиле уверување оти тоа е само техничко одлагање на процесот.
Меѓутоа, го поставуваме прашањето – што ако во меѓувреме некој друг парламент исто, од технички причини, го одолговлече процесот, бидејќи таму имате одлучување на принцип на консензус. Една држава е доволно да каже „не“ и ние имаме повторно одлагање“, вели претседателот Пендаровски.
Претседателот на македонската држава објасни дека тоа е „екстремно битно за нас“ затоа што последниве година-две е историски период за државата.
Ние направивме нешто што не го направил никој во целокупната дипломатска историја на светот. Ние го сменивме името на државата. Претходно имавме друго име, Поранешна Југословенска Република Македонија, меѓутоа сега новото име Северна Македонија важи и внатре во правниот поредок на нашата држава и тоа наиде на значаен отпор кај дел од нашето население, нашите граѓани. Не можам да кажам дека тоа не е точно. Ние постојано објаснувавме на нашиот електорат, еве јас пред два месеци бев во избори за претседател, кога ме прашуваа, мора ли ова да го направиме, зошто ова го правиме – јас реков, им велев – ние ова го правиме заради Европа, заради нашата перспектива во обединета Европа. Сега велат – кај е Европа“?, рече Пендаровски.
Долг процес на преговори
Пендаровски изнесе и еден податок за кој разговаравме на средбата со црногорскиот претседател Ѓукановиќ – секој нов и следен член или перспективен член на Европската унија преговара подолго од претходниот.
Замислете, до овој момент Црна Гора преговара цели 7 години и се уште ги нема отворено сите поглавја, а да не зборам кога ќе ги затворат сите 35 поглавја. Значи ако европскиот процес на придружување, само зборувам за преговарање, ако трае 10 или 15 години, каква перспектива јас можам да нудам на мојот народ или било кој друг балкански политичар“, истакна Пендаровски.
Не очекува блокада за ЕУ од Мицотакис
Претседателот Пендаровски, по смената на власта во Грција, не очекува пресврт од грчка страна во однос на Преспанскиот договор, но очекува, како што вели, малку поригиден став во однос на имплементацијата на договорот, особено во делот на трговските ознаки на производите од северниот дел на Грција и од Северна Македонија.
Не очекувам пресврт. Очекувам веројатно малку поригиден став во однос на имплементацијата на договорот. Значи да појаснам или преведам – не очекуваме опструкција од новата грчка Влада, сега во октомври, кога треба наводно да се донесе конечна одлука за отварање на преговорите, за датум на преговорите. Меѓутоа, се разбира дека очекувам поради нивниот познат политички став од претходно, дека наредниве месеци и години, во рамки на преговорите по различни поглавја, ќе бараат стриктна имплементација на некои одредби од Договорот од Преспа, особено во делот на трговските ознаки. Имаме посебна комисија формирано која треба да ги означува сите продукти кои излегуваат од северниот дел на Грција и од Северна Македонија и можеби во тој дел ќе бараат поригидна имплементација на договорот, кој е инаку јасен и во тој сегмент“, вели претседателот Пендаровски.
Comments are closed for this post.