Во рок од само неколку дена претседателот Стево Пендаровски на двапати се наоѓа на различна бранова должина од извршната власт. Прво со изнесените ставови на неговата прва официјална средба со новинарите, а вчера и со интервјуто за Гласот на Америка.
Ако на средбата со новинарите, меѓу другото, јавно побара политичка одговорност и забрзување на истрагата за случајот „Рекет“, во последното интевју за ВОА разидување имаше со ставот околу (не)функционирањето на институциите на системот.
Имаме долги децении зад нас, не години, во кои многу институции, вклучително и политичките, не реагираа така како што требаше да реагираат и затоа сме во оваа ситуација во која сме. Едноставно, граѓаните сметаат дека институциите кои се платени од нивни пари, не си ја вршат својата работа. Повторувам, не зборувам само за судско-обвинителскиот комплекс, туку генерално, виталните институции на оваа држава не функционираат и не ги сервисираат граѓаните и не ги сузбиваат криминалот и корупцијата на она ниво кое е неопходно за да кажеме дефинитивно дека сме зрела демократија, изјави претседателот Пендаровски за Гласот на Америка на македонски јазик.
Од друга страна, пак, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска токму околу (не)функционирањето на институциите излезе со поинаков став. По средбата со својот висок гостин од американската војска од државата Вермонт, таа изјави:
Оваа држава се промени и во оваа држава кога ќе се појават снимки никој не тврди дека се лепени, сечени и монтирани. Оваа држава се промени и кога ќе се види криминал институциите реагираат. Кога за првпат излегоа некакви информации премиерот беше тој што ги информира надлежните институции и двајца се во притвор. Кажавме дека од прв до последен не сме заштитени. Покажавме дека никого не штитиме, туку дека дозволивме, дозволуваме и ќе овозможиме сите институиции да спроведат целосна истрага, никого да не го спасуваат и никого да не го штитат. Законот важи за секој од нас посебно и ние сите им даваме поддршка и очекуваме сите други институции да си ја завршат својата работа. Никој од нас нема да очекува, ниту пак ќе добие политичка заштита.
Иако ова беше нејзин одговор на новинарско прашање поврзано токму со повикот на претседателот Пендаровски сите поврзасни со случајот „Рекет“ самостојно да се пријават во Јавното обвинителство и да дадат исказ, сепак впечатливи се сосема спротивните ставови околу (не)функционирањето на институциите на системот.
Comments are closed for this post.