Како еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, академик Блаже Конески заслужува најголема почит и благодарност. Заслужува, еден век од неговото раѓање, 2021-вата да биде година во негова чест.
Ова го истакнува претседателот Стево Пендаровски во обраќањето преку видео-порака на отворањето на Зимската школа на Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, литература и култура, којашто започнува денеска и е првата активност за одбележување на овој голем јубилеј.
Во период кога, за жал, од политички причини, повторно се негира постоењето на македонскиот јазик, иако тој е одамна верификуван од светската лингвистичка наука, токму делото на Конески е најмногу на удар. Во таа смисла, еден од најцврстите бедеми во одбраната од неаргументираните и често ирационални напади е Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура кој зад себе има веќе пет и пол децениска традиција со повеќе од петстотини учесници од шеесетина земји од сите меридијани на светот – рече Пендаровски.
Впрочем, како што посочува, 2021-та ја прогласивме за година во чест на Блаже Конески и сите релевантни институции од областа на културата, науката и образованието ќе бидат вклучени во реализација на активности и проекти поврзани со оваа значајна годишнина.
Изразувајќи благодарност до сите учесници, Пендаровски рече дека тие придонесуваат за меѓународна афирмација на македонскиот јазик, литература и култура.
Се радувам што токму преку првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во чии рамки е и Филолошкиот факултет кој го носи името на Блаже Конески, практично прв започнува со активности за одбележување на големиот јубилеј – рече Пендаровски.
Comments are closed for this post.