Евроатлантските аспирации не предизвикуваат поделби, туку се фактор за кохезија, за единство на нашето општество, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешното предавање на реномираниот Универзитет „Ла Сапиенца“, кое го одржа во рамки на неговата дводневна посета на Република Италија.
Пред студентите и професорите од Универзитетот, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, се осврна на три теми, Преспанскиот договор, Европската унија и аспирациите на Македонија кон Унијата и предизвиците со коишто се соочува регионот на Западен Балкан.
Претседателот Пендаровски истакна дека договорот со Грција има историска важност за Македонија, но и дека е подеднакво важен и за Грција. Преспанскиот договор, подвлече тој, го гарантира идентитетот на граѓаните, го признава македонскиот јазик и им дава право на сите, без разлика каде живеат да се изјаснуваат како Македонци.
Благодарение на Преспанскиот договор, според Пендаровски, Македонија за неколку месеци ќе стане полноправна членка на НАТО. Во однос на целосната имплементација на Преспанскиот договор, којашто зависи од отворањето на поглавјата со Европската Унија, претседателот изрази уверување дека во иднина никој нема да го опструира процесот, имајќи предвид дека договорот ги штити националните интереси на Македонија.
Европа не ни треба само за пазарот, Европа ни треба поради културните, социолошките, економските стандарди, поради функционалност на институциите. Дополнителен мотив за нас е фактот дека 85 отсто од граѓаните на Северна Македонија, од сите етнички заедници, го поддржуваат нашето членство во Европската унија, рече претседателот Пендаровски, осврнувајќи се на последната одлука на Унијата да не одреди датум за почеток на преговорите со нашата земја.
Во оваа насока, шефот на државата рече дека никој во Македонија не е против менување на методологијата, ниту против можноста за реверзибилност на процесот, доколку некоја земја има назадување во текот на преговорите. Но, нагласи тој, неприфатливо е Македонија да се ословува како да е сосед на Унијата.
Comments are closed for this post.