Претседателската кампања денеска го тера четвртиот ден. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за денеска има закажано митинг во Виница и Кочани, додека пак Пендаровски ќе биде во Свети Николе и Велес.

Синоќа пак Пендаровски имаше конвенција во Борис Трајковски каде му се придружи и премиерот Зоран Заев.

Пендаровски порача  дека не смееме да се коцкаме со иднината на земјата и да ставиме под ризик се што успеавме да постигнеме. Побара да му дадеме легитимитет на патот што го одиме овие две години, да не се занесуваме дека некој може да не внесе во ЕУ и НАТО ако го поништи Преспанскиот договор или Законот за јазици.“.

Според него, главниот слоган на Шарената револуција „Нема правда, нема мир“, не смее да се заборави.

Кандидатот на опозицијата Гордана Силјановска синоќа беше во Неготино и Кавадарци. Таа порача да се излезе на овие избори, од една страна за да избереме некому кому му веруваме, ама и од друга страна за да им покажеме дека народот ги видел соголени, дека видел дека не можат ништо да направат.

Единстената реформа што ја направија е реформата на нас, реформата на Македонија. Ѝ го сменија името, а сега чекорат кон промена на идентитетот. Никој нема право на таква промена. Никој не го одбрал името ниту на АСНОМ, ниту претходно. Името било нешто природно, нешто природно, нешто неизбежно. Оти Македонците постоеле како нација и пред да постои државата Македонија. Значи таа немала избор, можела само да го земе она што ѝ го дала нацијата, рече Силјановска Давкова.