Членство во ЕУ и НАТО и подобар стандард за сите наспроти концепт на национализам и популизам. Вака претседателскиот кандидат Стево Пендаровски денеска во Велес ги претстави разликите во она за што се залага тој наспроти приоритетите на кандидатот за шеф на државата од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова. Според Пендаровски негобата идеја е за Северна Македонија членка на НАТО со повеќе инвестиции, а другиот табор има нереални ветувања и ќе го оспори Преспанскиот Договор.

Сите членки на НАТО кои тоа станале во последниве десет или петнаесет години, од кои некои и во нашиот регион, потврдуваат дека веќе во првата година по членството во Алијансата, странските директни инвестиции се зголемиле два пати, три пати, и повеќе пати. Во овој контекст сакам да ја посочам разликата помеѓу мене, и главниот опозиционен кандидат, и мислам дека во тој дел граѓаните ќе немаат голема дилема. Значи, на една страна ова што јас го нудам и 31 политичка партија и граѓаните коишто стојат зад мене, е Република Северна Македонија членка на Евроатлантските Интеграции, членка на НАТО и ЕУ, со отворени порти за подобар живот за сите нас, а на другата страна имате концепт кој заговара  оспорување на Преспанскиот Договор, и оспорување со тоа на нашето членство и во НАТО и во ЕУ подоцна. Значи мислам дека граѓаните овој пат ќе знаат да ја направат разликата меѓу луѓе кои заговараат концепти од 19 и од 20-ти век, концепти кои се поврзуваат со национализам и популизам, и со нереализирани ветувања, и концепти кои ја водат Република Северна Македонија во друштво со најмодерните и најпросперитетните нации и држави во светот, изјави Пендаровски.