Претседателите на Бугарија и Македонија, Румен Радев и Стево Пендаровски, и делегации на двете држави заеднички ќе одадат почит кон делото на светите браќа Кирил и Методиј во Рим, соопштија од прес-центарот на бугарскиот претседател.

Двете делегации ќе патуваат заедно до Италија на 27 мај. Радев со авионот ќе слета прво во Скопје и ќе ја земе македонската делегација предводена од претседателот Пендаровски.

Радев и Пендаровски ќе положат цвеќе во базиликата „Св. Климент“.

Двајцата претседатели уште минатата година требаше заеднички да го чествуваат Денот на светите браќа, но целиот настан беше одложен поради пандемијата. Двата кабинета беа во постојана комуникација за чествувањето, но до крајот на минатата година не беа создадени услови за тоа.

Во меѓувреме, бугарскиот парламент дебатираше за прогласување на Кирил и Методиј за бугарски, наместо сесловенски просветители. Таквиот став наиде на отпор во повеќе држави, особено во Чешка и Словачка како земји-членки на Европската унија, кои се спротивставија терминот „погрешно читање на историјата“ да биде прифатен во заедничка декларација, како услов за официјален почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

Таквиот чекор во одредени бугарски медиуми годинава. пак, предизвика стравување дека годинешното чествување на светите браќа Кирил и Методиј може да се одвива на две нивоа. На едно, Македонија заедно со Чешка и Словачка да организираат посебна прослава, а Бугарија да остане осамена во Рим.

За светите браќа Кирил и Методиј постигнаа консензус ипретставниците на заедничката Македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците, но содржината на протоколот, за жал, до ден денес не е објавен, па неговата содржина се уште не и е позната на јавноста.

По бугарското вето за одржување на првата меѓувладина седница меѓу Македонија и ЕУ, ова ќе биде прва средба на вакво ниво. Двајцата претседатели имаат да си кажат многу работи. Претседателот Радев во актуелниот контекст на внатрешно-политичката бугарска сцена се наоѓа во еден вид добитна комбинација, особено пред претстојните претседателски избори, што треба да се одржат есенва во Бугарија.

Но, од друга страна, со своите изјави и постапки Радев во неколку наврати директно се вмеша во внатрешната политика на Македонија, за што отсуствуваше соодветна реакција. Тој меѓу другото најави зголемено присуство на бугарските тајни служби во земјава, со цел заштита на, наводно, загрзоените права на македонските Бугари.