Претседателот Стево Пендаровски денеска го одликува Бигорскиoт манастир „Свети Јован Крстител“ со Орден за заслуги за Република Северна Македонија,  за зачувувањето и за продолжувањето на илјадагодишната традиција и за придонесот во негувањето на духовното и на културно-историското наследство, за грижата за уметничките реткости и за постојаните социјални и хуманитарни активности.

Нашата генерација има извонредно ретка можност да биде сведок на еден импресивен јубилеј каков што е 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител. Честа за мене е уште поголема што како претседател имам привилегија на манастирот да му доделам високо државно признание.

Бигорскиот манастир, надвор од било какво сомнение, е едно од нашите најголеми духовни светилишта, кое низ вековите, и денес, во континуитет претставува извор на писменост, на култура и уметност.

Бигорски не е само православен манастир и христијанско светилиште, тој од секогаш бил прочуен како место каде што помош, поткрепа, човечки збор и утеха можеле да најдат сите, без разлика на нивната верска, етничка или било каква друга припадност. Историјата на манастирот, но, не помалку и неговата денешна, жива духовна и културна мисија и ангажман, лесно ги надминуваат државните граници и ги сплотуваат и обединуваат луѓето што е сигурно најблагородната можна кауза во светот од кој сме дел.

И да имате најдобра намера и желба, невозможно е само во неколку минути да ја опфатите илјадагодишната историја и традиција на овој храм  и да кажете доволно за сите аспекти кои го прават делото на Бигорскиот манастир толку посебно и вредно. За дел од нив чувме во најавата на почетокот, за дел сме имале можност да читаме во старите ракописи, во дел се имаме самите уверено со свои очи, но, бездруго има и делови кои допрва ќе ги откриваат генерациите по нас. Впрочем, манастирот, на радост на сите нас, продолжува да живее, да создава добрини и да остава вредности. Повеќе од убеден сум дека и во вториот милениум од своето постоење, традицијата ќе биде продолжена, а сите ние ќе бидеме задолжени со нови културни и духовни подвизи и дела, достојни за почит“ рече меѓу другото претседателот Пендаровски.