Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе му го врачи мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски. Настанот најавен од претседателскиот кабинет за во 13 часот ќе може да се проследи во живо на Фејсбук страната и YouTube каналот на претседателот Пендаровски.

Собранието минатата недела ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, со што започна да тече рокот од десет дена во кој претседателот Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова влада.

Централниот одбор на СДСМ на седницата во понеделникот официјално го потврди Ковачевски како кандидат за нов премиер.

Ковачевски синоќа во телевизиско гостување рече дека нема да ги користи целосните уставни рокови за формирање, туку планира предлог составот на владата да биде поднесен на 11 јануари по што согласно роковите, да биде закажана седницата за избор на новата влада.

Откако ќе го добие мандатот за формирање нова влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада. Разговори за составот на новиот владин кабинет, како што најави, ќе има веќе од денеска, по што ќе го направи изборот.