Кандидатот за претседател Стево Пендаровски по обраќањето пред граѓаните на Берово продолжи со митинг и во Делчево. Пред граѓаните Пендаровски зборуваше за отворените проблеми кои со години постоеле со соседите, но за година – две биле решени.
-Во Европа велат ако не можеш да ги решиш проблемите со соседите нема што да бараш во Брисел. Сите тие тешки прашања се решија за година две. За година време потпишавме договор со Бугарија, наместо многу поодамна. Дојде на ред уште потежок договор. Тоа што мислеа дека никој не може да го реши, Заев и Ципрас го решија. Наместо да се расправаат за историја, решија проблем стар со години. Исто така, видлива беше и тешката економската ситуација во државата. Наследивме пустош, особено во економијата. Во трезорот кога оваа влада ја презеде власта немаше пари за пензии и плати. Претходно се беше опљачкано. Од таа позиција да дојдеш до стабилизација и плус да ги решиш проблемите со соседите заслужува огромен аплауз, истакна Пендаровски.
Кандидатот за претседател на Република Северна Македонија зборуваше и за поделеноста меѓу граѓаните, како и за поништувањето на договорот кој, како што вели, го најавува опозицијата.
-Толку многу се поделивме во минатото што тоа не смее да продолжи. Пред вас почитувани граѓани е јасна дилема, дали ќе одиме напред или како што вели опозицијата ќе го поништи договорот со што автоматски се враќаме назад. Затоа мислам дека пред вас е јасна дилема. Или ќе просперираме или ќе се вратиме назад. Тоа е алтернативата, а граѓаните велат да одиме напред, рече Пендаровски пред делчевци.
Comments are closed for this post.