СДСМ ОБВИНУВА: ВМРО-ДПМНЕ Е ВИНОВНА ЗА 15.000 НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА

„За разлика од таквиот игнорантски однос кон здравјето на граѓаните од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од СДСМ и надлежното министерство остануваат посветени на спроведување на суштински реформи кои ги санираат штетите и го унапредуваат здравствениот систем и грижата за пациентите. Со рано детектирање и прогласување на епидемија од морбили, Министерството за здравство успеа да спречи катастрофа од огромни размери. Со активна кампања за вакцинација и напорна работа се вакцинираа повеќе од 50% од децата кои не беа вакцинирани заради негрижата на ВМРО-ДПМНЕ, а со строгите контроли и мерки епидемијата на морбили се држи под контрола. Секојдневно здравствените работници се борат со епидемијата, додека Мицкоски, чијашто партија е виновна за состојбите ужива во белата палата“, стои во соопштението од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ ВОЗВРАТИ: ФИЛИПЧЕ И НЕГОВИОТ ШЕФ ЗАЕВ ЗДРАВСТВОТО ГО ДОВЕДОА ВО ТОТАЛЕН ХАОС

„Во земјава владее епидемија на морбили во невидени размери, каде што бројката секојдневно расте, а досега има три дечиња починати. Кој ќе одговара за ова? Бројката на заболени од грип е дуплирана, а министерството и Институтот за јавно здравје молчи  во моментот кога има и починати две лица. Не само што нема одговорност, не се преземаат никакви мерки. Состојбата со грипот излегува надвор од контрола. Лекови по аптеките нема. Вакцините со сомнителна декларација ќе ги уништат, па нема да ги уништат. Одговорност и за ова нема. Здравствениот систем е во колапс. Се делат тендери во четири очи, се потпишуваат сомнителни договори. Одговорност нема“, се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.