Премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев, на маргините на Самитот за Западен Балкан во Познањ, оствари средба со претседателот на Владата на Република Франција Едуар Филип, соопшти владината прес служба.

Премиерот Заев на средбата, на која присуствуваа и вицепремиерот Бујар Османи и Никола Димитров, министер за надворешни работи, истакнал дека Македонија е целосно посветена на остварување на ЕУ агендата и дека во таа насока се остварени сите неопходни очекувања од земјата испорачани на минатогодишниот состанок на Европскиот Совет.

Врз основа на остварените препораки од јуни минатата година, за остварување на зацртаните реформи во правосудството, борбата против организираниот криминал, реформата на безбедносните служби и во јавната администрација, дојде и препораката од Европската комисија за безусловен старт на преговорите на ЕУ со Република Северна Македонија“, потенцираше премиерот Заев на средбата со францускиот премиер и истакна дека земјата ги исполни сите реформски и политички очекувања, вклучувајќи ги и уставните промени за името на земјата, и дека за испорачаното земјата очекува и исполнување на ветувањето на Европскиот Совет за почеток на преговорите во октомври.

Едуар Филип, на средбата го нагласил заедничкиот интерес што го делат Франција и  Северна Македонија да работат на продлабочување на билатералните односи и на економската соработка. Францускиот премиер ја изразил поддршката за напорите за продолжување на зацртаните реформи за владеење на правото, изрази честитки за Договорот од Преспа и имплементирање на придобивките од новата добрососедска реалност што ја оствари земјата со соседите во регионот, се наведува во соопштението.