Осумдесетте гласа за поддршка на Договорот од Преспа во Собранието претставуваат историска пресвртница и го отвораат патот за европска иднина за Македонија и македонскиот народ, изјави денеска заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Метју Палмер на прес конференцијата со премиерот Зоран Заев.

 Како што се движите на патот кон европската и евроатланската интеграција, кон членството во НАТО, кон отворањето на преговорите за членство во ЕУ и членството во ЕУ, Македонија, македонските лидери, македонскиот народ може да сметаат на поддршката на САД.

Заев посочи дека средбата со Палмер доаѓа во исклучително важен момент на Македонија и само неколку дена по големиот исчекор кон иднината направен во Собранието.

 Се согласивме дека одлуката на пратениците има историско значење. Таа одлука на пратениците и од позицијата и опозицијата уште еднаш ја потврдија евроатлантската определба за иднината на нашата земја. Пратениците и демократските сили во земјата храбро преземаа одговорност и испишаа историја, рече Заев.