Кренете ги вашите политички раце од сферата на дејствување на уметноста. Оставете ги писателите и уметниците со својот јазик и со своите визии да ја остваруваат својата мисија, да ги градат мостовите за меѓусебно разбирање и соработка. Ако не можете или не сакате да помогнете, не ги растурајте тие мостови, му пиша во отворено писмо писателот и поранешен претседател на Друштвото на писателите на Македонија, Веле Смилевски, на бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Почитуван г-дин Бојко Борисов, премиер на Република Бугарија,

Со оглед на Вашата позиција, можеби не сте навикнале да Ви се обрати со писмо човек кој никогаш не се занимавал со политика, на пример, писател, а уште повеќе ако тој е од друга државна, национална, јазична и културна средина. Ова Ви го кажувам заради  можноста да не се разбереме доволно, не толку дека зборуваме различни јазици, македонски и бугарски, туку од фактот дека јазикот на политичарите е прагматичен, дневно актуелен и ексклузивен за оние на кои им е адресиран и директно упатен, додека јазикот на поезијата и на уметноста, воопшто, ја нема таквата динамика. Како утеха, уметниците го имаат уверувањето дека пораките на нивниот јазик, со својата автентичност и искреност, се обид во градењето на толку потребните мостови за меѓусебно запознавање и зближување на различните народи и култури од сите меридијани во светот.

Кога сме кај мостовите, големиот бугарски поет Љубомир Левчев, добитник на наградата Златен венец на Струшките вечери на поезијата во 2010 година, примајќи го високото признание на мостот во Струга, со благодарност кон Македонската земја  и македонското небо, ја изрази надежта да направи волшебство, подвлекувајќи: „Златниот венец да го престорам во уште еден мост како струшките кој ќе ги поврзува нашите народи, мост, по кој што ќе поминуваат само љубовта, вистината и убавината. Тоа е мојата надеж.“

Деновиве напишав една песна под наслов „Европа го зборува мојот мајчин јазик“, посветена на европските поети, добитници на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, чии опуси се преведен на македонски јазик. Станува збор за поезија преведена од европските јазици на македнски јазик во 60 томови, со преку 30.000 страници. Мојата песна е мал прилог во знак на почит кон овој редок и исклучителен подвиг на Македонија со кој Европа може да се гордее. Мило ќе ми биде доколку мојата песна, која Ви ја испраќам во прилог на ова писмо, биде преведена од македонски на бугарски јазик во Вашиот кабинет. Ви ја испраќам песната  со надеж дека ќе допре до Вас барем дел од суштината на јазикот од кој е преведена, дека тој јазик е во сржта на моето битие како човек кој има легитимно право да се чувствува тоа што е. Мојот македонски јазик е фундаменталниот знак за идентитетот на мојот македонски народ. Тој јазик е животворен во идентитетска и креативна смисла. Македонскиот јазик е реалност и, според сите стандарди на постоење и функционирање на јазиците во светот, меѓународно признат.

Господине премиер на земја членка на Европската Унија, Вам ви е јасно: стоите пред фактот дека на македонски литературен јазик се напишани илјадници дела, на македонски литературен јазик се преведени илјадници дела, од кој на десетици јазици се преведуваат бројни дела од македонските автори. Ова се силни и непобитни аргументи кои цврсто стојат наспроти актуелниот, перфидно исфабрикуван начин на притисок за негирање на македонскиот јазик. Оттука, на сите разумни луѓе им е јасно дека европската перспектива на нашата земја не може да биде на сметка на идентитетот, што значи дека никој нема право да преговара и да се договара за македонскиот јазик. Ова, главно, се однесува за политичарите од македонската страна. Од друга страна, секој обид за декларативно бришење на еден јазик од мапата на европските јазици е ирационален и спротивен на демократските, правни и цивилизациски процеси на современиот свет. Тоа е анахронизам осуден на пораз. Тоа е диво месо кое дејствува ретроградно на  позитивните  постигањата во меѓусебната соработка. Таквата ситуација остави свои траги и на односите меѓу Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и Сојузот на бугарските писатели (СБП), кои  својата соработка, во тек од, речиси, три децении, до 2017 година ја остваруваа врз основа на договори потпишани на македонски и на бугарски јазик. Во 2017 година пропадна обидот меѓу ДПМ и СБП, веќе истечениот договор од  четири години, да биде обновен и потпишан според усталените стандарди. Ваквата апсурдна ситуација беше исконструирана непосредно пред потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија. Дали тоа е резултат на „добрата“ намера на политичарите? Се надевам дека времето брзо ќе одговори на ова прашање. Но и сега е јасено, дека, барем начелно, нема добра намера во обидот да се разградува она што е изградено. Во овој контекст да потсетиме: македонските и бугарските писатели во изминатите неколку децении покажаа дека со уважување на разликите на културите и јазиците на кои пишуваат може да се остварува плодотворна соработка, свесни дека тоа е единствениот пат кој води кон афирмација, запознавање и зближување на спецификите и вредностите на литературите и културите на различните народи. Факт е дека делата на десетици македонски и бугарски писатели се преведени и објавени во Бугарија и во Македонија, во превод од македонски и од бугарски јазик. Во Македонија и во  Бугарија издавачите ги почитуваат стандардите за означување на преводите од македонски на бугарски јазик и од бугарски на македонски јазик. Во преведувањето на делата од двете литератури и од двата јазика, својот влог го вградија видни имиња на писатели и преведувачи од Македонија и од Бугарија. Тоа не е ништо ново, тоа се европски и светски стандарди со кои  интелектуалците, писателите, преведувачите и издавачите од Македонија и Бугарија можат да се гордеат. Но, значи ли дека сега тие дела, објавувани во Македонија и во Бугарија некој треба да ги стави на клада, да ги уништи?!

Господине Борисов, премиер на Република Бугарија, не верувам дека можете да најдете сила да оставите трага на политичар на 21 век. Тоа е Ваше право и Ваша политичка и човечка определба и судбина. Но чувствувам должност да Ви кажам и Вам, како на политичар од таа страна, како што ќе им кажам и на политичарите од оваа страна, и на сите политичари од Европа и светот: кренете ги вашите политички раце од сферата на дејствување на уметноста. Оставете ги писателите и уметниците со својот јазик и со своите визии да ја остваруваат својата мисија, да ги градат мостовите за меѓусебно разбирање и соработка. Ако не можете или не сакате да помогнете, не ги растурајте тие мостови; потребни ни се на сите, како што ни е потребен животот, во духот на она што мудриот бугарски поет Љубомир Левчев од мостот во Струга го рече: „Верувам дека како што поезијата има потреба од животот, така и животот има потреба од поезијата.“ Не сум сигурен колку вие политичарите го разбирате тоа, или дали воопшто верувате во тоа, но, простете, јас имам право да верувам и верувам во тоа. Затоа ја напишав песната „Европа го зборува мојот мајчин јазик“.

Веле  Смилевски

ЕВРОПА ГО ЗБОРУВА МОЈОТ МАЈЧИН ЈАЗИК

Песна посветена на европските поети добитници на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, чии опуси се објавени на македонски јазик

Европа го зборува мојот мајчин јазик

додека Никита Станеску на истекот на Црниот Дрим ни вели:

Јас сум само една дамка крв која зборува.

Европа го зборува мојот мајчин јазик

додека Ив Бонфоа го бара тажното место

каде блеска песната на сонот.

Европа го зборува мојот мајчин јазик

додека Ханс Магнус Енценсбергер го допишува

упатството за Сизиф прелеано со тешка благост.

Европа го зборува мојот мајчин јазик

додека Рафаел Алберти го преведува здивот

на слободниот ветар и  одгласот негов.

Европа го зборува мојот мајчин јазик

додека Артур Лундквист му се препушта на мигот

единственото што го имаме и постојано го губиме.

Европа го зборува мојот мајчин јазик

додека Тадеуш Ружевич крај езеро, в зори

ја пишува песната за блиските нешта в далечната шир.

Европа го зборува мојот мајчин јазик

додека Тет Хјуз потсетува: во морето со грапчења

никој не се збогатил, станува само споменик на мртвите.

Европа го зборува мојот мајчин јазик

додека Љубомир Левчев се оддалечува од улицата „Безимена“

предупредувајќи: на неа живее крајот.

Европа го зборува мојот мајчин јазик

додека Хусто Хорхе Падрон во шума од книги

насетува толпа која страда, старее и умира.

Европа го зборува мојот мајчин јазик

додека Ференц Јухас во стих црта пеперуга

што како ѕвезда в божја насмевка се прелива.

Европа го зборува мојот мајчин јазик

додека Блаже Конески седнат на меѓа во татковата нива

со кротка реч кажува проста и строга македонска песна.

Европа го зборува мојот мајчин јазик

додека сеќавање не мори

како Едоардо Сангвинети на истекот од Црниот Дрим

со растреперена рака напиша:

Живеам за да сфатам зошто живеејќи

пишувам за да сфатам зошто пишувам!

И дури потоа одлета назад, преку Морето

во кое се влива Дримот.