Два новопоставени контејнера со зафатнина од 3,2 кубни метра се опожарени во текот на изминатата ноќ на главната улица во населбата Ѓорче Петров, како и шест пластични контејнери од 1,1 кубни метри во населбата Ново Лисиче, информира ЈП „Комунална хигиена“-Скопје.

Оттаму посочуваат дека со ваков инцидент се соочиле и за време на изминатиот викенд во скопската населба Радишани, каде изгореа три контејнери од 1,1 кубни метри и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло.

Опожарените садови се целосно уништени и неупотребливи. Веќе имавме случај на еден опожарен нов контејнер на улицата „Рузвелтова“, а во текот на минатата ноќ изгореа уште два нови и шест од старите садови за одлагање на отпадот. Покрај значителната финансиска штета што е нанесена на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, овие инциденти предизвикуваат големи проблеми при одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад. Апелираме да престане вандализмот и уништувањето на контејнерите, за екипите на Претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен, изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Абдусамед Шабани.

Сите случаи на опожарување на садовите за одлагање на отпадот се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите.