Собранието нема да расправа за оставката на пратеникот и екс-премиер Никола Груевски, што тој ја депонираше преку нотар.

Од кабинетот на спикерот Талат Џафери велат дека и во овој случај ќе се раководат според членот 57 од Деловникот за работа на Собранието.

Според членот 57 од Деловникот, (1) пратеникот може да поднесе оставка,

(2) пратеникот оставката ја поднесува лично на седница на Собранието и може да ја образложи и

(3) Собранието без претрес констатира дека на пратеникот му престанал мандатот на денот на одржувањето на седницата.

Заверената оставка на екс-премиерот Груевски пристигнала во Собранието во средата, на 5-ти јуни, и таа ќе се најде на дневен ред на следната собраниска седница во вторник, иако имаше негодувања од владеачкото мнозинство дека тој треба тоа да го стори лично, а не од Будимпешта, каде што доби политички азил.

Џафери потврди дека оставката е пристигната со нотарски акт и со соодветни печати со кои се потврдува дека станува збор за лична изјава на Груевски.

Примена е на 5-ти јуни. Испратена е на превод од унгарски јазик и кога ќе биде преведена ќе биде доставена на пратениците, рече Џафери.