Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција со повеќе од еден месец задоцнување вчера соопшти дека води истрага против генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Истрагата е во врска со спорниот тендер за набавка на радарски систем, што го доби италијанската комапнија „Леонардо“,а беше финансиран од Европската банка за обнова и развој.

Во август надлежен јавен обвинител што постапува по предметот, до Министерството за внатрешни работи издаде Наредба за прибирање на севкупната документација за предметот. Воедно е наредена и темелна анализа на документацијата, по што обвинителството ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, соопшти Обвинителството.

Наспроти тоа што целата афера беше обелоденета уште пред случајот „Рекет“, од штурото соопштение на Обвинителството произлегува дека истрагата започнала во август. Но, притоа не се наведува по кој основ се води таа-дали за несовесно работење или за злоупотреба на службената положба и овластување.

Правни експерти за Пресинг Тв, пак, укажуваат дека истрагата е повисок степен на основано сомневање за сторено кривично дело од предистражната постапка. Доколку истрагата се води за злоупотреба на службена положба и овластување, обвинителството најчесто бара мерки на претпазливост и тоа најчесто суспензија-одалечување од работното место и забрана за преземање на определени дејствија во врска со работата, затоа што токму со злоупотреба на овластувањата го сторил делото.

Притоа, експертите потсетуваат на случајот „Јустиција“, кој се водеше против неколку судии и тоа за несовесно работење, што, пак, е полесно дело од злоупотребата. Тогаш беа побарани и определени мерки на претпазливост-одалечување од работното место.

Но, тоа во случајот на генералниот секретар на Владата, Рашковски не се прави, што е чудно и ги покажува и двојните аршини и клиентелистички однос на обвинителството кон извршната власт.

Иако забелешката за двојни стандарди на обвинителството ни случајно не се за потценување, останува отворена и димензијата за етичките и моралните норми на владиниот генсек. Во време кога Владата на големо го најави усвоениот етички кодекс на однесување на нејзините функционери, просто е несфатливо како Рашковски, свесен дека е под истрага на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, се уште молчи и не се одлучува на единствениот логичен чекор-напуштање на функцијата!

Аферата „Леонардо“ беше обелоденета на руска мрежа при што беше објавена снимка од разговори водени во кабинетот на Рашковски. Потоа следуваше уште една снимка, објавена на Јутјуб. Авторите на снимките, но и дел од медиумите тврдеа дека аудио материјалот е доказ дека Рашковски постапил незаконски кога се вмешал во постапката за набавка на радарски систем за М-НАВ и дека извршил низа незаконски дејствија, како средба со една од фирмите пред таа да биде формално избрана.

Рашковски на прес-конференција се извинуваше „до небо“, и се бранеше дека не е вклучен во нелегегални активностии врзани за тендерот на италијанската фирма „Леонардо“ за опрема за модернизација на М-НАВ.