Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи вчера изјави пред новинарите дека тој живее од плата, во контекст на најавата за формираната работна група во Владата, која треба да изготви решение за намалување на примањата на функционерите, особено откако пред седум месеци тие се покачија за 78%.

-Не мислам дека е за фалење кога политичари велат не ми е важна платата, затоа што тоа е како да кажуваат дека не живеат само од плата. Јас живеам само од плата и ми е важно и мислам дека платата влијае на квалитетот на луѓето кои што се воопшто се решаваат да се вклучат во политиката, рече Османи на прес-конференцијата со австрискиот покраински министер за европски и меѓународни прашања, образование и човечки ресурси на Штаерска, Вернер Амон.

Како што истакна министерот, во случајов, тој разбира дека приоритет треба да бидат лицата со минимални плати.

-Мислам тоа е клучно и ако ни дојде редот на нас во ред, ако не приоритет, се тие граѓани во ова време на инфлација и на поскапување и треба да им се посвети внимание, додаде Османи.

Иако беше најавено намалување на платите, се уште се бара решение како тие да се намалат. Премиерот Димитар Ковачевски вчера истакна дека формирана е работна група од министри од Владата која треба да изработи решение за платите на функционерите, односно како што рече, решение кое нема да биде предмет на поништување на Уставниот суд.

Со одлука на Уставниот суд за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, се овозможи зголемување на платите на државните функционери. Законот се однесува на примањата на премиерот, претседателот, собранискиот спикер, но и сите вршители на јавни функции, соопштија од Синдикатот на управа, правосудни органи и здруженија на граѓани (УПОЗ). Тука спаѓаат и сите заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.

Платите на функционерите беа замрзнати 12 години.