Перспективите на процесот на проширување на Европската унија, како значен дел во создавањето на европската иднина, беше тема на Неформалниот министерски состанок на државите кандидати за членство во ЕУ во Букурешт, на кој учествуваше вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, заедно со министри и државни секретари за европски прашања од членките на ЕУ, во рамки на романското претседателство, како една од попатните станици пред големиот Самит посветен на иднината на Европа што ќе се одржи во Сибиу, Романија на 9 мај.

На состанокот, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, се разговараше за перспективите на процесот на проширување на Унијата, како значен дел во создавањето на европската иднина, а беа разменети и искуства меѓу земјите кандидати од аспект на предизвиците со кои се соочуваат во претпристапниот процес.

– Северна Македонија е успешна приказна на Балканот – земја која нема отворени прашања со соседите, со стабилна внатрешно-политичка и етничка стабилност, која е на сигурен пат да стане 30-та членка на НАТО, а очекуваме и отпочнување на пристапните преговори со Европската Унија оваа година, истакна Османи.