Немаме ништо против отварање на клубови тука и таму, но според Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, граѓаните имаат право на здружување. Контекстот на појавување на овие клубови се гледа дека влегуваме во еден натпревар, во едно инструментализирање на луѓето. Ова е инструментализирање на финансиерите на овој клуб и тука нема добри намери, изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи во емисијата „24 анализа“.

Османи, коментирајќи го отворањето на клубот во Благоевград рече дека овој циклус со инструментализирање на правата не е во духот на добрососедството.

– Имало таму луѓе со најдобра намера, но сметам дека овој циклус на инструментализирање на малцинските права овде преку клубовите во Охрид и во Битола и клубот во Благоевград не е во духот на добрососедството. Тука имињата не беа добронамерни и не мислам дека тоа помагаше на бугарската заедница. Времето кога ова се случува и начинот на кој опозицијата се надоврзува за да „лови“ некои политички поени, сметам дека е обратно од она што ние сакаме да го правиме. Ние сакаме еден нормален циклус. Бугарската Влада погреши што дојде тука на отварање на клубот и тоа го сметавме за провокација, рече Османи.

Додаде оти не мисли дека Македонците таму добија нешто со овој клуб, освен што, како што кажа, „ја поларизираа бугарската јавност кон нив“. Ова, рече Османи, долгорочно ќе биде на штета на Македонците во Бугарија зашто се дел од процес на иснтрументализирање кој не е во функција на промоција на малцинските права.