Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска пред средбата со новоназначената генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС) Мајлинда Брегу истакна дека нема подобра земја за посета на Советот од Македонија бидејќи, како што рече, земјата станува пример за регионална соработка.

– Земјата станува експортер на европски модели за решавање балкански прашања. Во момент кога Македонија ги затвора сите билатерални спорни прашања со соседите и станува единствената земја во регионот со ниту едно отворено прашање со соседите, станува земја-пример како се решаваат проблемите во регионот и како се помага во таа регионална соработка, пред се во регионалната економска зона, во интегрирање на пазарите, во создавање на еден подинамичен простор за инвестиции, поголема мобилност, меѓутоа и во дигиталната агенда што е важен предизвика, истакна Османи.