Да не се создава притисок со рокови кај Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, туку целта е да се создаде процес на доверба за решавање на спорните прашања. Следниот состанок на експертско ниво меѓу двете министерства за надворешни работи ќе се одржи во Скопје на 23 февруари, изјави вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи.
– Тие состаноци алтернативно се менуваат. Во Софија имавме состанок на политичко ниво, потоа имаше повторно на експертско ниво во Софија, деновиве очекуваме повторно да имаме разговори на највисоко политичко ниво, за потоа на 23-ти во Скопје ќе има разговори на експертско ниво, рече Османи.
На тој начин, според него, експертите обработуваат некоја тема, политичарите даваат свои политички погледи и насоки и така треба да ја имаме потребната слика минувајќи ги сите филтри, со цел ниту едно решение да не остане неанализирано како што треба.
Прашан дали може без финално решение на Комисијата за историски прашања да почнеме преговори со ЕУ, Османи вели дека таа Комисија е долгорочен процес и оти нејзина цел е да ја конзервира темата во неа, за општествата и политичарите да не дебатираат за историја и тие историски прашања, како што вели, да не ја контаминираат билатералната, секојдневна комуникација.
– Тоа е најважниот квалитет на таа Комисија и доколку тие успеат да ја задржат дебатата само кај нив, со тоа значително ќе ги растеретат општествата да соработуваат, а истовремено ќе има механизам каде ќе се надминат разликите бидејќи ние велиме, да, треба да се надминат тие разлики, но никој не очекува дека до одреден рок историската комисија ќе даде резултати, истакна Османи во гостувањето на ТВ Сител.
Според него, овој пристап не треба да создава притисок за рокови, но треба да создаде доверба кај двете страни дека сепак нема намерно кочење, нема намерно одложување, туку дека има еден нормален процес на научна дебата.
Во однос на предлог-декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ за чествувањето на Гоце Делчев, поднесена во Собранието, Османи смета дека таа е класично политичко киднапирање на важно национално прашање за дневно-политичка потреба. – Никој нема проблем со содржината на предлог-декларацијата, туку со нејзината форма – процесот да се извади од Историската комисија, да се префрли на политички фронт, да стане обид за компетиција со бугарскиот Парламент кој од двата парламента ќе донесе посилна деклрација за Гоце Делчев. Тоа не е решение, оценува шефот на дипломатијата.
Comments are closed for this post.