Гледајќи ги сегашните настани со Бугарија пред очи ни се појавуваат снимките од 1941 година и влегувањето на бугарските војници во Македонија. Со сегашниот речник тие би биле администратори наместо како што е вистинскиот термин-окупатори.

Замислата на тогашните бугарски власти да ја освојат Македонија со војна не им успеала, но како што стојат работите тоа ќе им успее 80 години подоцна во мир.

Да, токму така, деновиве се случува асимилација на Македонците и тоа во мир. Францускиот предлог, без разлика дали првата или втората верзија претставува исчезнување на Македонците на рати. Ратите во овој случај е нашиот пат кон ЕУ кој може да стане бесконечен.

За нешто што нема никаква гаранција дека ќе се случи, а тоа е членството на Македонија, владата на ДУИ потпомогната од СДСМ се подготвени да го тргуваат македонскиот идентитет. Единствено што ќе остане е сликањето на Ковачевски и Османи за некаков формален почеток на преговори без тие да се отворат.

Она што ќе остане после е отворање на Пандорината кутија од која ќе излезат историските прашања, Илинденското востание, Гоце Делчев, спакувани во делот на добрососедските прашања.

Она што е најважно е дека во т.н Француски предлог нема гаранција дека Бугарија сама, или потпомогната од европските партнери дека нема да ја блокира Македонија за нешто што е надвор од преговарачките поглавја.

И доаѓаме до најважното прашање. Од каде власта ќе најде 80 пратеници да ги внесе Бугарите во Уставот, без разлика дали како што е единствено е можно во Преамбулата или пак како што бараат Бугарите како конститутивен народ.

Или можеби уште отсега се спремаат за повторување на сценариото како при промената на името и пазарот со пратеници?