По наредба на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корпција, одземен и е мобилниот телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева, потврдуваат од Обвинителството за радио Слободна Европа.

Иако дел од медиумите објавија дека обвинителството врши претрес во нејзиниот дом, од ОЈО ја демантираат оваа вест, истакнувајќи дека одземен и е само мобилниот. Јанева денеска поднесе оставка од функцијата специјален јавен обвинител.

Од ОЈО демантираат и дека полицијата извршила претрес во просториите на 1 тв, туку дека била претресена само канцеларијата која ја користел нејзиниот сопственик Бојан Јовановски. Тој заедно со Зоран Милески претходно беа изведени на распит пред судија на претходна постапка.

Двајцата се осомничени за примање награда за противзаконито влијание, а едниот од нив се сомничи и за перење пари. Според предистрагата, во периодот од април 2018 до април 2019 година тие барале рекет од бизнисмен, за преку извесен јавен обвинител на кој не му беше соопштен идентитетот, да биде олеснета постапката што се води против него. Од бизнисменот биле барани 8 милиони евра, а добиле 1,5 милиони евра.