Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ ги раскина трите договори со контроверзниот советник од ДУИ, Нефи Усеини, на барање на Државната комисија за спречување корупција, објави Мета.

На денешната седница на УО на претпријатието е донесена одлука да бидат раскинати договорите со компанијата НИФИ ИК поради судир на интереси, а станува збор за набавка на градежни материјали, за одржување на депонијата Буково и користење на возило со кран дигалка за сечење на опасни дрва.

„За нас најголем проблем претставува тендерот за одржување на депонијата Буково бидејќи се наоѓаме во шпицот на сезоната, кога е потребно секојдневно одржување на самата депонија , рамнење на отпадот кој се одлага и во периодот кој сели се надеваме дека со нашата механизација која ја поседуваме ќе успееме барем дел од отпадот кој го носиме да го санираме, да ја одржуваме депонијата се до изборот на нова фирма“,  објаснува директорот на „Охридски Комуналец“, Љупчо Грдановски.

Инаку реакцијата на Антикорупциска следуваше откако беше обелоденето дека компанијата на Усеини аплицирала на тендер за уривање на дивоградби, иако самиот советник во општина Охрид отвори пица-бар кај Чинарот без градежна дозвола.