Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, пред одржувањето на денешниот самит на Берлинскиот процес во Софија, со кој заеднички копретседаваат Република Бугарија и Република Македонија, изјави дека во изминатиот период во македонските медиуми биле евидентирани над 15.000 написи со антибугарска содржина или говор на омраза.

Нормални и организирани држави, кои знааат што сакаат, така прават. Тоа што нашата администрација во Министерството за надворешни работи ниту знае, ниту води иста евиденција, тоа не е проблем на Бугарија, туку наш, на Македонија. А, написи со антимакедонска содржина или говор на омраза од бугарска страна во истиот период има колку сакаш. Буквално секој ден, секој час. За социјалните мрежи, пак, и да не се говори.

Така, на пример, само вчера во медиумите можеше да се видат две застрашувачки пораки, што стигнаа од другата страна на границата.

Историчарот од Бугарската академија на науките, Војн Божинов, во интервју за БНР, меѓу другото, даде оценка дека „македонизмот е расистичка теорија“.

Бугарскиот европратеник од редовите на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, на својот фејсбук профил, пак, отиде и чекор натаму. Служејќи се со клетви, тој напиша статус со следната содржина-„Бугарија без Бугари-оган да ја гори“.

Човек може само да си замисли и претстави колкави се фрустрациите, омразата, одбивноста, па и одвратноста кон Македонците и се што е македонско.

Но, во духот на најавениот нов бран во добрососедството, пријателството и соработката, а пред се во очекување на најавените и се уште не дефинирани владини мерки за спречување на говорот на омраза, за да не бидеме погрешно разбрани или етикетирани на било кој начин како вакви или онакви, еве на ваквите фрустрации ќе одговориме со песна, добронамерно и со добра мисла.

Покојниот Војо Стојановски, Бог да му душа прости, како да ги предвидел ваквите провокации, па од срце ја испеа песната „Оган да го гори“. А, нејзиниот текст оди вака:

„Оган да го гори, тој што ќе ми збори да те оставам,

оган да го гори, тој што ќе ми збори да заборавам, Македонијо.

Каде да сум, таков сум, не те давам никому,

да ме крсти, прекрстува, нека зема отепува, Македонијо.

Ееееј, жива да си Македонијо.

Слушајте Македонци, чувајте го името,

слушајте Македонки, чувајте го името,

македонско наше име, нема навек да загине, Македонијо,

еееј жива да си Македонијо.

Кој може да остави или да заборави

Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Греув, Сандански, Македонијо,

еееј жива да си Македонијо“.

И за да не ја колне Џамбаски и во иднина Македонија, ние само би додале да е жива Македонија заедно со оние што во неа се прокламираат и како Бугари и како македонски Бугари, заедно со нас Македонците и сите останати, кои живеат во неа.

Macedonia timeless!