Вчерашното одбележување на годишнината од смртта на Гоце Делчев докажа дека договор за великанот помеѓу Македонија и Бугарија не може да има и какви ќе бидат последиците доколку Бугарите влезат во македонскиот Устав.

Бугарските власти и вчера го присвојува Гоце Делчев, посебно претседателот Румен Радев. Тој дури и го спореди Делчев со Васил Левски иако е јасно дека едниот се борел за Македонија а другиот за Бугарија.

Неуморен организатор и надалеку признат водач на Бугарите во Македонија и Одринско, Гоце Делчев инспирираше, водеше и со својот личен пример го исцрта патот кон ослободувањето. Со својата безгранична вера и посветеност на каузата, тој ги освои умовите и срцата на поробените, кои за само неколку години повторно се родија во моќна револуционерна организација. Животниот пат на Гоце Делчев беше краток, но неговото име стана симбол на потрагата по слобода, порача шефот на бугарската држава.

Тој во својот говор го спомена и внесувањето на Бугарите во Уставот.

-Ако денешна Република Македонија тврди дека ги следи заветите на Гоце Делчев, зошто не наоѓа сила да ги вклучи во својот устав неговите сонародници, за чија слобода го жртвуваше својот живот? Верувам дека порано или подоцна ќе се најдат далекувидни политичари кои заветите на Гоце Делчев ќе ги претворат во дела, изјавил меѓу другото Радев.

Бугарија веќе не се задоволува со тоа бугарското малцинство да влезе во Уставот.

 

Во писмото кое неколку здруженија на Бугарите од Македонија до премиерот Ковачевски со барање за партиципирање во комисијата за уставни промени, меѓудругото се забележува употребата на термините „Бугари“, „бугарски народ“ и „македонски Бугари“. Но, најдискутабилен е делот во кој стои: „ македонските Бугари беа најконтруктивниот елемент во опстојувањето на вековната мечта- „независна, демократска и суверена Република Македонија“, држава на сите граѓани кои живеат во неа без разлика на етничката, религиозната, политичката и социјалната и каква и да била друга припадност.

Индикативно е што „конструктивноста“ се сведува на осамостојувањето на Република Македонија но не и самото формирање на Федерална Република Македонија формирана во рамките на поранешната југословенска федерација.

Ова отвора две дилеми. Прво, дека не ја чуствувале како своја Република Македонија во рамките на југословенската федерација и не го дале својот придонес во нејзиното формирање што се обидува да направи дистинкција меѓу нив и Македонците. И второ, на самата Втора светска војна и се дава иделошка димензија за антифашисти и фашисти што гледано во континуитет се провлекува дури до 1991 година. А на ова може да се додаде и уште една димензија дека македонските Бугари ја присвојуваат улогата на ВМРО-ДПНЕ.

Професорката Катерина Тодороска во интервјуто за „Република“ коментирајќи на оваа тема посочи дека Македонија не треба да ги вметне македонските Бугари во Уставот.

-Прво, македонски Бугари како термин не може да влезе во Уставот, затоа што македонски Бугари сме фактички Македонците, тоа е она во нивната глава. Втора работа, вие да отворате Устав за да вметнете некое малцинство, да, јас не сум противник на една таква идеја. Меѓутоа, кога вие мене ми го газите моето малцинство, ги споменавме 17-те пресуди, кога вие на тие луѓе не им дозволувате ни основно образование на нивниот мајчин јазик, иако таму се со векови, тогаш треба дебело да се размисли. Од 1913 година тоа е веќе една шема која што постојано ја работи бугарската политика за обезличување на Македонците и трансферирање во бугарско национално чувство. Така што, кога вие како држава зборувате за права на вашето малцинство, треба да помислите дека ги газите основните човекови права на луѓе чија што држава не стои зад нив.