Чудна „еволуција“ доживуваат Македонците во изминатите не цели стотина години. Без многу должење, како првичен репер може да послужи делото на македонскиот Американец, Стојан Христов, насловено како „Херои и убијци“, објавено во 1935 година, што пред извесно време беше (ре)објавено и на македонски јазик.

Самиот наслов сам по себе доволно говори. Македонските херои и убијци биле одликите, што авторот ги користи во своето видување на состојбите во Македонија од почетокот на минатиот век, исполнети со страдања, ужаси, борби, убиства, една целосна слика за македонската децениска мартирологија, но и надежи и очекувања за некое подобро утре.

Меѓутоа, токму во ова дело е содржана можеби и најдобрата дефиниција за значењето на историското ВМРО:

„Внатрешната македонска револуционерна организација-ВМРО-е главниот фактор во борбата за македонска независност. Оти, додека сите правно-политички активности се спроведуваат надвор од Македонија, ВМРО, како што укажува првиот збор од името, постои на почвата на Македонија. ВМРО беше основана заради единствена и директна цел да ја ослободи Македонија и да ја осамостои во независна држава, но во текот на минатите 15 години, освен оваа отсекогаш присутна цел, таа ја имаше и понепосредната и неодолива мисија да го спасува самиот поим за постоење на Македонија. Оти таквиот поим забрзано исчезнуваше, Македонија стана чиста историска концепција, нешто коешто постоело како држава пред повеќе од две илјади години како Кападокија или Мизија. Тоа што таа стана таква се должи главно на ВМРО-вското одбивање да умре“.

Ова е историскиот контекст за значењето на историското ВМРО. Но, денес тоа историско ВМРО се уште го носи бремето на историјата, зашто и актуелната додавка ДПМНЕ не може така лесно да се откаже и ослободи од него.

Македонскиот Американец, Стојан Христов, заради своето исклучително богато творештво во 1985 година беше избран за дописен член на МАНУ, беше член на Друштвото на писателите, а неговото име ја носи наградата, што секоја година се доделува на Струшките вечери на поезијата. А, потекнуваше од село Кономлади, костурско, од егејскиот дел на Македонија. Бил роден во 1898 година и на 14-годишна возраст заминал за Америка, каде станува и сенатор на сојузната држава Вермонт. Да беше жив, којзнае што ќе говореше или пишуваше за се она што сега и се случува на Македонија.

А, и се случуваат многу работи. Па така, неговите херои и убијци во меѓувреме „еволуираа“ во херои и кукавици.

Груевски е кукавица-ќе воскликне во еден момент премиерот Зоран Заев, уште неосвестен од бегството на поранешниот премиер, обвинет во низа предмети на СЈО и само првично осуден на две години затвор.

Ако од една страна стои кукавица во смисла на страшливец, тогаш, логично, на другата треба да биде херојот. Херојот Заев, кој не се плаши и не стравува од ништо, ама баш од ништо. А, треба.

Зашто, ако кукавицата во Будимпешта добие политички азил, како што побара Груевски, целиот настан ќе добие не само правни, туку и политички димензии. И дури тогаш премиерот Заев ќе се соочи со реалноста во која префрлањето на топката и вината меѓу СЈО, судот, полицијата и министрите ќе бидат обична мачкина кашлица.

Добивањето политички азил по примерот на Драган Богдановски, Јордан Петровски-Црни во суштина ќе значи дека СЈО и судот се обични борбени органи на владејачката партија во создавањето внатрешни непријатели на државата, дека на дело е политички прогон на неистомислениците, дека во Македонија нема изградена функционална демократија дури 27 години по осамостојувањето, дека нема владеење на правото и правната држава, дека нема институции способни самостојно да функционираат, дека … Значи, нема се она што треба да претставува основа за било какво приближување до Европската унија и НАТО, а не пак да почнува преговори за членство во нив.

И тогаш кој ќе биде виновен за тоа?! Кукавицата Груевски или херојот Заев?!

Попусти ќе бидат прашањата дали можеби Груевски бил киднапиран. Во ова секојдневие, што се претвора во вистинско реално шоу, ќе недостасуваат само уште оние познати „жолти комбиња“. За сите да не киднапираат и да не однесат во ѓавола. А, името на народот и на државата? Ма, кој мисли веќе на тоа. Изживеана работа.