Премиерот Зоран Заев имаше состанок со Управниот одбор на ЗЕЛС, на кој биле разменети мислења и ставови за процесот на децентрализација и со тоа поквалитетни услуги за граѓаните на локално ниво.

На средбата, како што информираат од владината прес-службеа, е утврден заклучок, за конкретна временска рамка за подготовка на државата за следната фаза за институционална и финансиска децентрализација.

Постигната е согласност од 1 јануари 2020 година да започне фазно пренесување на нови надлежности од централно на локално ниво во областите каде ќе биде оценето дека е тоа можно и потребно. При тоа, со новиот буџет за 2020 година ќе бидат земени предвид и финансиските потреби на општините за коишто треба и има можност да помогне државата“, се наведува во соопштението.

Договорено е да се формираат работни групи со членови од централната и локалната власт и уште во текот на летото да се почне со утврдување на областите од коишто ќе се децентрализираат надлежности.

Премиерот Заев, порача дека Владата е подготвена час поскоро да пренесе нови надлежности од централно на локално ниво.

Со префрлените 51 милион евра за покривање на долговите на општините покажавме како Влада дека сме фокусирани да обезбедиме функционални локални заедници, рече премиерот Заев.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Петре Шилегов ги соопштил клучните предизвици со коишто се соочуваат општините и можните решенија што ги предлага ЗЕЛС. Нагласил дека за ЗЕЛС е прифатливо општините да влезат оперативно во процесот на децентрализација, да добијат повеќе финансиски средства, но и да преземат повеќе надлежности.

На состанокот, се вели во владиното соопштение, биле разгледани можностите за финансирање преку одделување повеќе средства за општините од даноците,  капацитетите за преземање нови надлежности на општинско и на регионално ниво, со што ќе се слеваат и по тие основи повеќе пари во локалните заедници, а и граѓаните ќе добиваат побрзи, поквалитетни и поефикасни услуги.