Меѓународната група на експерти меѓу Македонија и Грција во Скопје го одржа првиот состанок и ги охрабрува бизнис заедниците на двете земји да го започнат својот дијалог во духот на Преспанскиот договор. Во фокусот треба да биде уптребата во комерцијална, трговска и за други намени на името „Македонија“, односно придавката „македонски“.

Експертската група, под раководство на шефот на делегацијата на нашата земја, проф. Ѓорѓи Филипов и на шефот на делегацијата на Грција, проф. Фотини Папартис, во рамки на состанокот размениле мислења и разговарале за Деловникот за работа на Меѓународната експертска група, имајќи ги предвид заклучоците од претходните состаноци што се одржаа во Солун.

Ко-претседавачите на двете земји, се наведува во соопштението од МНР, се согласиле следната средба да се одржи во Атина, на датум кој претходно ќе биде усогласен, а по можност да се одржи во првата недела од ноември 2019 година.

Меѓународната група на експерти е основана согласно член 1, став 3ж, од Конечната спогодба за решавање на прашањето за името.

Согласно тој член  се формира меѓународната група на експерти, која ќе ја сочинуваат претставници на двете држави, а во контекст на Европската Унија и со соодветен придонес на Обединетите нации и ИСО. Оваа експертска група ќе ја заврши својата работа во рок од три години.

Станува збор за преговори поврзани со термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци кои ќе бидат во употреба на билатерално и на меѓународно ниво.

Ниту една одредба од член 1, став 3 (ж) нема да влијае на сегашната комерцијална употреба сè додека не се постигне заемна согласност, како што е предвидено во оваа алинеја“, стои во Конечната спогодба.