Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев денеска имаше обраќање пред генералното собрание на Европската народна партија, во рамки на неколкудневната официјална посета на Брисел која што ја реализираат заедно заедно со потпретседателот, Александар Николоски, информираат од опозициската партија.

Ѓорчев во своето обраќање политичките колеги од ЕПП ги запознал со како што велат од партијата катастрофалните состојби во Македонија. Владимир Ѓорчев го истакнал влошувањето на економската состојба во Македонија откако Заев е на власт.

„Владината корупција стана секојдневие во државата, се повеќе се гушат медиумските слободи, а пак политичкиот прогон е факт. Егзодусот од ден во ден се повеќе се зголемува, со еден збор земјата секојдневно назадува.“, рекол Ѓорчев, пренесуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорчев информирал и за растот на поддршката на ВМРО-ДПМНЕ во јавноста и на анкетите.

„ВМРО-ДПМНЕ ја зголемува предноста пред СДСМ и тоа ќе значи победа на следните парламентарни избори“, истакнал Ѓорчев.

Ѓорчев нагласил дека следната македонска влада ќе ја состават ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Тогаш таа влада интензивно ќе работи на европската агенда и ќе соработува со Европската комисија предводена од Урсула фон дер Лејен од редовите на ЕПП.