Државниот завод за статистика денеска ги објави податоците од пописот, што беше спроведен во септември минатата година. Бројките говорат дека биле попишани вкупно 2.097.319 лица, од кои во Македонија како резидентно население живеат 1.836.713 лица, додека 260.606 се нерезидентно население.
Според податоците, како што информираше директорот Апостол Симовски, од вкупно попишаните лица 54,25 отсто се Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 се изјасниле како Срби, 0,87 се Бошњаци, а 0,44 отсто се Власи.
Од резидентното население како Македонци се изјасниле 58,44 отсто од граѓаните, 24,3 се Албанци, 3,86 се изјасниле како Турци, 2,53 како Роми, 1,3 Срби, 0,47 отсто се Власи, а 0,87 отсто Бошњаци.
Од нерезидентното население, односно македонски граѓани кои се надвор од државата повеќе од 12 месеци и странци кои се во земјава помалку од 12 месеци, 24,45 отсто рекле дека се Македонци, а 66,36 Албанци, 4,79 се изјасниле како Турци, 1,02 Роми 0,19 Власи, а 0,35 Срби.
Директорот Симовски рече дека се попишани над 598 илјади домаќинства, а просечното домаќинство брои 3,06 членови. Најмала општина е Зрновци, а најголема Куманово. Густината на населеност на 1 км2 во Македонија изнесува 72,2 луѓе.
На 1.000 жени има 984,3 мажи, што значи дека жените се побројни.
На крајот од своето обраќање Симовски рече дека податоците ќе се објавуваат сукцесивно, до крајот на годинава, за вкупното резидентно и нерезидентно население и според возраста и вероисповеста, јазикот, бројот на станови по општини, како и за образовните и други карактеристики на населението.
Заменик директорот Илми Селами изрази надеж дека резултатите од пописот ќе бидат прифатени, затоа што се многу значајни за развојот на државата и за креирање на идните политики на државата.
Comments are closed for this post.