Независниот синдикат на полицијата обвини дека раководството на Министерството за внатрешни работи врши мобинг врз членовите на синдикатот и останати припадници на полицијата.
Портпаролот на синдикатот, Дејан Саздов вели дека станува збор за незаконски распределувања преку кои раководството се пресметува со оние кои се спротиставуваат на незаконското работење.
„На почетокот сметавме дека ваквите притисоци се одговор на инсталации кои не сакаат позитивни промени во Министерството, но од денешна гледна точка се повеќе сме свесни дека целта е растурање и целосно контролирање на Синдикатот. За ова повеќе пати апелиравме, но се уште се водат неосновани постапки против нашите претставници со притисоци од страна на највисоките структури спрема НСП кои продолжуваат, а не запираат и притисоците за отчленување на наши членови, рече Саздов на денешната прес-конференција што се одржа по завршувањето на состанокот на највисокото раководство на синдикатот.
Тој посочи дека веќе се донесени правосилни судски одлуки во корист на нивните членови кои неправилно биле преместени од своите работни места и праша зошто МВР не постапува по судската пресуда и се оградува од барањата на НСП за репрезентативност. Побара од МВР да одговори на нивното барање за репрезентативност во спротивно најави дека Министерството ќе се соочи со кривична одговорност.
„Од премиерот бараме „метлата“ да заигра по доставување на доказите за незаконско работење и постапување на актуелното раководство на МВР и правдата да биде задоволена, а дадениот збор одржан. Одговорност во највисокото раководство на МВР мора да има, потенцира Саздов.
Посочи дека во последно време со невиден притисок од највисоките структури во МВР се соочува и генералниот секретар на НСП.
„Свесни за сите недоследности околу кршењето на работничките права почнувајќи од највисоките структури во МВР денеска донесовме заклучок гласот да допре до сите надлежни институции, а посебно до Трудовиот инспекторат и Јавното обвинителство за да се спроведе ревизија и истрага за сите досегашни донесени решенија од актуелното раководство во МВР за прераспоредување и унапредување во Министерството. Правдата ќе ја бараме и ќе ја истераме до крај. Ако не постапи МВР ќе го известиме евроамбасадорот, народниот правобранител, како и европските и светските синдикати, рече Саздов.
Comments are closed for this post.