Петнаесет новинари кои известуваа од Собранието на 27 април 2017 година покренаа иницијатива за тужба против државата за надомест на штета.

Новинарот Боби Христов, кој е еден од иницијаторите, информираше  дека во моментов се во комуникација со правници и дека е можно тужбата да биде проширена и во граѓанска постапка да се утврди одговорноста на поединци во која со преземање или не преземање на одредени дејства придонеле до настанатата ситуација.

„Зад инцијативата сме петнаесеттина, но таа е отворена за сите колеги, фотографи, сниматели.. а некаде после празниците сите кои сакаат да учествуваат во иницијативата можат да се приклучат и да ја продолжиме постапката“, појасни Христов.

Новинарката Душица Мрѓа порача дека сите новинари и сниматели заслужуваат правда.

„Ние само си ја вршевме работата”, рече таа.

Новинарот Горан Трпеновски рече дека во тужбата треба да се вклучат сите, оние кои биле внатре во Собранието и оние кои известувале од пред собраниската зграда

„Нашето известување придонесе за да нема потешки последици, убиство. Нашето присуство придонесе сè ова да заврши како што заврши”, рече тој.