Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана е единственото ново „име“ во последниот список на надворешни соработници во кабинетот на претседателот на Владата, Зоран Заев, објавува “Независен весник”.

На листата на надворешни соработници веќе не е новинарот од Струмица Ѓорги Калајџиев, кој имаше договор до јули годинава како советник за комуникации и односи со јавност, за што добивал хонорар од 40 илјади денари. Од листата на надворешни соработници е симнат и професорот Мерсел Биљали, кој до скоро беше ангажиран како советник за комуникации и односи со јавност за подобрување на односите меѓу етничките заедници, за хонорар од 40 илјади денари месечно, се вели во текстот.

Меѓу надворешните соработници на Заев  не е ниту универзитетскиот професот Ванчо Узунов, за кој во првичниот список на советници стоеше дека е ангажиран до крајот на 2019 година. Узунов, поранешен потпретседател на СДСМ, беше ангажиран за 53.500 денари месечно како надворешен соработник за економски прашања.

Во најновиот список  ги нема и повеќето имиња на соработници што претходно беа ангажирани про-боно. Меѓу нив е и професорот Александар Спасов. Најновиот список со соработници Заев го потпишал пред неколку дена, откако најави дека ќе го ревидира тимот на советници, по многу реакции во јавноста околу тоа кој го советува премиерот. Тогаш бројката на надворешни соработници во канцеларијата на премиерот беше 40, а сега е – 32. пишува Независен весник.