„Бесплатни онлајн курсеви по македонски јазик организира новата невладина организација Центар за македонски јазик во Грција, основана оваа година.“ – објави „Мкд.мк“

„На интернет страницата на оваа организација makedonski.gr е наведено дека курсевите се наменети за почетници, за граѓани на Грција, кои имаат малку, или немаат воопшто познавање на стандардниот македонски јазик, за сите возрасни групи. Курсевите може да ги посетуваат граѓани од сите возрасти. Сите лекции се достапни во пдф и видео-формат преку систем за управување со учење (ЛМС). Наставниот јазик ќе биде грчкиот. Центарот неодамна поднесе барање за регистрација до властите во градот Лерин.“

„Во областа на образованието целта е да се даде поддршка во напорите и легитимните заложби за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта (основно и средно) и универзитетите во Грција, лоцирани во регионите Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија.’ – се наведува на интернет- страницата на Центарот.“

„Целта е и застапување и поддршка на легитимното барање за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во Грција, вклучително и за усвојување на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за малцински јазици од страна на Парламентот на Грција. Цел е и поддршката на иницијативите за заштита на јазичните права на говорителите на македонски јазик во Грција, вклучувајќи го правото непречено да користат свој јазик во приватната и јавната сфера, правото да ги користат нивните традиционални семејни презимиња, правото да регистрираат културни здруженија со цел негување на етнокултурниот и јазичниот идентитет итн. Спроведување на јавни кампањи за пробив и унапредување на јавната употреба на македонскиот јазик во Грција од страна на неговите говорители, вклучително и преку употреба на традиционалните топоними на населените места во северна Грција, заедно со сегашните топоними.’ – наведуваат од Центарот.“