Црна Гора немаше никаква правна основа да го задржи поранешниот премиер Никола Груевски при преминувањето низ територијата на државата. За транзитот на Груевски црногорските слжби ги информирале македонските, рече министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ  на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домнаќин, шефот на македонската дипломатија Нкола Димитров.

Одговорот е едноставен бидејќи нашата позиција беше едноставна. Ние немавме никаква правна основа да го задржиме македонскиот граѓанин односно поранешниот премиер во автомобилот со дипломатски таблички од една странска земја бидејќи во моментот кога тој преминуваше преку територијата на Црна Гора на нашите гранични премини немаше никакви сигнали дека станува збор за лице кое е вон законот. За сето ова ги информиравме службите за безбедност во Македонија. Нашите служби тоа го направија на начин како меѓу пријатели.Така што од страна на Црна Гора немаше никакви игри или скриени дејствија, туку постапивме онака како што налагаат нашите правила и сите закони, рече Дармановиќ на новинарско прашање.

Запрашан дали досега биле повикани амбасадорите на Србија и на Албанија во македонското МНР во врска со случајот Груевски, министерот Димитров информира дека  вршителот на должност шеф на македонската амбасада во Тирана имал средба во албанското МНР и информирал за информациите што тие ги имаат. Додаде дека и на други нивоа вон дипломатските контакти има комуникација меѓу Македонија и Албанија. Средба е побарана и од страна на нашата амбасада во Белград во српското МНР,  за како што рече, да се добијат официјални информации за тоа на кој начин Груевски влегол и ја напуштил Србија.

Оваа средба мислам дека уште не е одржана, во секој случај очекуваме да има една таква средба за да имаме барем на тоа ниво на дипломатска комуникација официјални информации, рече Димитров.

Во врска со тоа дали  е можно поради бегството на Груевски да дојде до нарушување на односите на Македонија со Албанија и Србија, министерот Димитров рече оти случајот покажува колку е важна регионалната соработка.

Случајот покажува кога една земја ќе се соочи со предизвик целиот регион се соочува со предизвик и обратно. Кога една земја прави чекор напред колку е тоа важно за сите други и целиот регион. Тоа е лекцијата од овој случај. Ние немаме интерес да влошуваме односи, напротив колку понапред оди Црна Гора по пристапните преговори со ЕУ, толку подобро ќе биде за Македонија. Како што слушнавме и за Црна Гора е добро ако ние го затвориме процесот и стапиме во членство во НАТО како 30 земја членка, рече Димитров.