Здружението на граѓани „Ековита” од Неготино  стравува околу најавената фабрика за обработка на отпад, што треба да се гради во близина на оваа општина, а премиерот Зоран Заев тврди дека се слуша гласот на народот, станува збор за еколошка инвестиција, како и дека ќе нема увоз на отпад.

Заев кој вечерва се обрати на јавната трибина посветена на оваа инвестиција, рече дека со изградба на фабрика за создавање енергија од цврст отпад ќе се реши проблемот со загадувањето од нелегалите и дивите депонии, што пдразбира спречување на емисиите на отровите гасови, ќе се запре загадувањето на почвата и подземните води, микробиолошкото загадување и ќе се спречи појавата на неконтролирани пожари во депониите од кои дополнително се загадува воздухот.

-Ќе се запре загадувањето кое произлегува од палењето на земјоделските отпад на отворено. Конечно, како во напредните европски земји ќе се создават капацитети за трансформација на отпадот во обновлива енергија и суровини. Инвестиција ќе го потикне економскиот развој со отварање на нови работни места, ангажирање на голем број локални компании и со оваа инвестиција ќе се зголеми можноста за намалување на користењето на фосилни горива, рече Заев.

Проектот, како што наведе Заев, е поддржан  од Грин инвестмент од Луксембург и имаат намера да биде изведен на најтранспарентен начин.

Тој побара поддршка од неготинци за изградба на фабриката и прецизираше дека се работи за инселератор со примарната селекција на отпад и кој работи на бескислородоно согорување, односно, нагласи, нема оџак и е затворен систем.

Претседателот на Здружението на граѓани, „Ековита” од Неготино, Сашко Тодоров рече дека се против најавената стратешка инвестиција.

-Не сакаме т.н зелена гасна централа која ќе согорува комунален отпад, на неготинци не им треба таква енергија од отпад, вака се изјаснија и тие што ги анкетиравме во градот и две села, истакна Тодоров.