Не помина интерпелацијата во собранието за министерот за надворешни работи Никола Димитров. „За“ гласаа 20, а „против“ 59 пратеници.
Во дебатата опозицијата го обвини Димитров дека ја извршува функцијата несовесно, нестручно и спротивно на македонските интереси. Го обвинуваат за потпишаните договори со Бугарија и Грција со кои, според нив, се загрозуваат македонските интереси. Во своите говори, пратениците од опозицијата побараа и предвремени парламентарни избори.
Македонскиот народ не доби одговор зошто вие го нарековте искомплексиран? Тоа е она што го очекувавме во најмала рака да го добиеме како одговор. Да бев на ваше место одамна од морални причини ќе си дадев оставка, но очигледно е дека вие како човек не поседувате морал и тоа ќе го поткрепам со неколку аргументи. Потпишавте срамен договор со Бугарија, потпишавте и противзаконски капитулантски договор со Грција иако со законот и Уставот на Република Македонија го немате тоа право. Ве интересираат само парите, а не ве интересира кој е интересот на македонскиот народ, рече пратеничката Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.
Во репликите на опозицијата, Димитров истакна дека секогаш и служел на каузата за Македонија и оти прави се што мисли дека е добро за државата и народот. Им порача на пратенците од опозицијата дека партијата не е народот.
Вие треба секое утро тоа да го повторувате – државата не е партијата, Македонија не е партијата. Ние ќе Ве чекаме во 21 век, ќе бидеме трпеливи, ќе дадеме се од себе и од Вас да направиме пријатели. А избори, кога сакате, да видиме дали народот сака да живее во 21 век, или во 19 век, истакна Димитров
Comments are closed for this post.