Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека синдикатот в понеделник ќе го реализира предупредувачкиот штрајк и сите наставници членови на СОНК, нема да организираат настава. Според него еднодневниот предупредувачки штрајк треба да биде сериозно сфатен, бидејќи тој може да биде вовед во сериозни ситуации, ако власта остане глува за нивните барања.
СОНК е конструктивен синдикат, му дава шанса на социјалниот дијалог за решавање на проблемите. Но СОНК нема да дозволи коректноста и констуктивноста да се злоупотреби и преговорите да траат бесконечно. Затоа еден ден штрајк значи гласно кажување на незадоволството на просветните работници од статусот што го имаат во општеството и предупредување за можните последици од занемарување на нашите барања, вели Неделков во интервју за Прес 24.
СОНК го крева својот глас поради како што велат нерамномерното покачување на платите. Почетната плата на наставник во основно образование е 21.660 денари, а во средно образование 22.500 денари, со што овој сектор го става на најниско ниво на општествено вреднување на трудот.
Понатаму, Неделков вели дека се можни притисоци, а најавите на дел од наставниците дека нема да штрајкуваат ги оценува како индивидуална одлука, која нема да влијаат на штрајкот.
Апелот на некои наставници до родителите дека ќе ги примат децата во училиште е, се чини, по притисок од одредени општини и директори на училишта. Можно е некои наставници кои не се наши членови и не сакаат да се солидаризираат со штрајкот на СОНК да ги спроведуваат активностите во училиштето, меѓутоа тој број е многу мал и е невозможна редовна активност на училиштето. И секако, можни се и партиски притисоци кои би оделе во правец на намалување на ефектот од штрајкот на наставниците, но се поставува прашањето на крајот, кој добива а кој губи со вакви методи на попречување на загарантираното право на Штрајк со Устав, Закон и меѓународни конвенции, вели Јаким Неделков
Од друга страна, министерот за образование Арбер Адеми побара учениците утре да бидат во училиштата и за 260.000 ученици нормално да започне новата учебна година.
Ние ги почитуваме одлуките на СОНК и на кој било синдикат. Почитуваме синдикално организирање и делување. Наше е да апелираме учениците да бидат во училиште. И затоа објаснуваме дека нема причина да се организира штрајк. Сите сме на иста страна, досега сме покажале и докажале дека има силна заложба за тоа. Јас не се сеќавам да имало штрајк кога се покачувала платата“, рече министерот за образование на наука, Арбер Адеми.
Родителите збунети, одговорот дали ќе тргнат првачињата утре на училиште го бараат на социјалните мрежи. Како што пишува порталот Република, на некои училишни згради е истакнато дека утре ќе има приредба за дечињата кои првпат седнуваат во училишните клупи, но од друга страна пак, професорите сугерираат децата да не се носат на училиште, бидејќи тие ќе штрајкуваат.
Во училишните клупи утре за прв пат треба да седнат околу 20.000 првачиња.
Comments are closed for this post.