Министерот за надворешни работи Никола Димитров по средбите во НАТО Алијансата порача дека се очекува Македонија да стане полноправна членка на пролет 2020 и дека членството ќе значи гаранција за нејзините сегашни граници.
Од 1993 кажавме дека сакаме да бидеме дел од НАТО, со првата декларација од Собранието на РМ, требаше да влеземе во 2008. Поминаа 10 години. Конечно го отстранивме проблемот и ја надминуваме разликата со Грција околу името, и тоа е важно за Македонија, за Алијансата и за регионот, изјави Димитров.
За нас членството во НАТО значи дека Македонсија е тука да остане, во овие граници, додаде министерот.
Тој денеска учествуваше на сесијата на НАТО за мисијата „Одлучна поддршка” во Авганистан во рамките на која Македонија испраќа свои сили. Министерот информираше дека остварил девет билатерални средби со земји членки на Алијансата на маргините на дводневниот министерски состанок. Меѓу нив се Франција, Унгарија, Грција, Норвешка, Литванија и други.
Претпладнето земјите членки на НАТО, во присуство на високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, одржаа состанок посветен на Западниот Балкан, на кој станало збор за Македонија, но и за Србија, Босна и Херцеговина и Косово.
Македонија, според дипломатите во НАТО, е „успешната приказна” во регионот, и доколку процесот околу Преспанскиот договор се одвива непречено, се очекува земјата да стане триесетта членка на Алијансата во 2020.
Планот е штом процесот кај нас заврши, да се финализира пристапниот протокол, кој заедно со Договорот од Преспа ќе оди на ратификација во парламентот во Атина. Потоа зависи од останатите парламенти од другите земји членки кога ќе се формализира нашето членство, тоа најверојатно ќе се заклучи некаде напролет 2020, изјави Димитров, охрабрен, како што рече, од средбите во НАТО.
На новинарско прашање за можни сомнежи на земјите членки за состојбата со владеењето на правото во земјата, министерот за надворешни ги отфрли овие критики.
Доверба во владеењето на правото во Македонија, е порака што ја добивам од повеќе главни градови последниве недели, така што во таа смисла тука немаме проблем, вели шефот на македонската дипломатија.
Димитров изјави дека пораката на литванскиот министер била дека „многу долго чекавте, не се работи за симпатии, членството ви е одработено и заработено, ги исполнувате критериумите, го споделувате товарот”.
Слични пораки министерот добил од другите европски престолнини.
Димитров попладнево заминува на средби во Европската Унија, со еврокомесарот Јоханес Хан и високата претставничка Федерика Могерини.
Comments are closed for this post.