Претседателот Стево Пендаровски, денеска оствари средба со раководството на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) на која порача дека е потребно кога тој патува во странство да учествуваат и претставници од стопанството, а при посети на странски државници да се организираат бизнис-форуми или да се овозможи директна комуникација, со цел вмрежување и разгледување на можностите за соработка.

Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, ја истакнал потребата Македонија да се поврзе со светот, за што очекува придонес од ИКТ индустријата.

Тој на средбата посочил дека нема да потпише ниту еден донесен закон, што ќе биде негативно оценет од страна на комората. Притоа информирал дека поранешната Народна канцеларија во центарот на Скопје ќе биде пренаменета за проектот „МЛАДИХАБ – Дигитална младина”, поддржан од Британската амбасада, Националниот младински совет и МАСИТ.

„Со поддршка на оваа програма се надевам дека ќе создадеме мотивирачка средина дека и младите кај нас ќе имаат шанса за успех“, рече претседателот Пендаровски.

Тој ги запозна присутните дека по иницијатива на Кабинетот на претседателот, тим од практичари ќе работи на создавање на стратешки документ “Северна Македонија 2030”, кој ќе има за цел да ги постави приоритетите за развој на економијата во следната деценија.