На покана на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, министерот за надворешни работи Никола Димитров утре во Брисел ќе учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Алијансата, кој претставува последна подготовка за лидерската средба на Северноатлантскиот пакт што ќе се одржи во Лондон на 3 и 4 декември.
Република Северна Македонија, која во моментов има статус на „поканета” земја за членство во НАТО, активно ќе учествува во разговорите на сојузниците од Алијансата за комплексните стратешки прашања, соопшти Министерството за надворшни работи.
– Предвидено е министерот Димитров во оваа прилика да ја реафирмира нашата посветеност и поддршка на клучните политики на НАТО, како идна земја членка, по прашањата од исклучително значење за Алијансата: праведната распределба на финансискиот товар, борбата против тероризмот, адаптирањето на НАТО политиките и стратегиите кон променливата безбедносна околина, контрибуцијата во меѓународните операции, справувањето со неконвенционалните безбедносни закани и други прашања од заеднички интерес, се посочува во соопштението од МНР.
На маргините на Состанокот, шефот на дипломатијата ќе оствари повеќе билатерални средби со министрите за надворешни работи од земјите членки на НАТО, како и со високи претставници на Алијансата
Comments are closed for this post.