Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) смета дека францускиот документ главно ги истакнува флоскулите кои и Макрон и другите француски претставници ги употребуваа за време на ЕУ Самитот и околу него, особено реверзибилноста на процесотодносно да може и веќе затворени поглавја (или како веќе ќе се викаат во новиот систем) повторно да се отвораат ако земјата покажува влошување на состојбите.

– Самото тоа не мора да значи успорување на процесот (јас и сега сметам дека сме во многу области пред земјите кои веќе преговараат – Србија и Црна Гора; а во некои и пред последните примени членки, Хрватска, Бугарија и Романија), но принципот за „фазен прием“ најверојатно ќе го успори, а со паралелното реформирање на ЕУ, можеби и ќе нема како да се стигне до полноправно членство додека да дојде време за тоа (ако ЕУ се договори за системот “Европа во две (или три) брзини“), вели Кржаловски.