Од ВМРО-ДПМНЕ очекувале негативно мислење од Владата за нивниот Предлог-закон за амнестија. Во партијата сметаат дека тоа е смислено сценарио од власта за да продолжи агонијата на лицата обвинети за настаните од 27 април. Партијата останува на ставот дека нема да учествува во работата на координативното тело за помирување, но, потенцираат, доколку тоа понуди решение за неслективна правда ќе го поддржат. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат и дека има простор низ дебата со власта да се подобри решение за амнестија за кое Владата вчера даде негативно мислење.
– Ние очекувавме дека ќе има ваков развој на настаните од причина што и самиот закон во моментот кога го поднесовме согласно собранискиот Деловник не беше ставен на првата седница, односно беше одбиен од страна на мнозинството. Така што сето ова води кон еден заклучок дека целата оваа фарса што се прави и недавањето поддршка за презентација на законот за амнестија е смислено сценарио од само една причина да продолжи агонијата на сите лица вклучени во процесите од 27 април, изјави во Собранието координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
Тој додава дека доколку мнозинството сака има можност преку дебата со одредени амандмани да го подобри решението што го предлага ВМРО-ДПМНЕ.
– Ние не поддржуваме насилство во Собранието никој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тоа не го поддржува. 27 април е еден немил астан што се случи, но селективноста во правдата и она што ни го нудат со телото за помирување нема да ја долови сликата за тоа што е крајна цел на неговото формирање, рече Мицевски.
Comments are closed for this post.